Екс ракометар на Охрид му донесе титула на најтрофејниот црногорски клуб

Поранешниот ракометар на Охрид, средниот бек Филип Кривокапиќ, кој во македонската елита настапуваше три сезони, на тимот на Ловќен му го донесе шампионскиот пехар.

Средниот бек беше најзаслужен за враќањето на шампионската титула на Цетиње, откако со десет погодоци го предводеше својот тим до победа над довчерашниот шампион Будванска Ривера.

Ловќен против тимот од Будва со пресврт во вториот дел славеше со 26:25 и токму со освоената победа во 17. коло ја оствари целта за оваа сезона.

До крајот има уште неколку кола во најсилното натпреварување во Црна Гора, но првото место на Ловќен не може никој да го загрози.

Кривокапиќ во досегашниот тек од сезоната постигна 95 погодоци и моментално се наоѓа на 4 место на листата на стрелци.