Словачкиот шампион Татран Прешов денес ќе се соочи со Еурофарм Пелистер во првиот четвртфинален дуел од регионалната СЕХА лига.
Откако двете екипи не успеаја да ја поминат групната фаза во Лига на Европа, сега ќе атакуваат на добар пласман во регионалното натпреварување.
Татран Прешов, кој во првиот дел од СЕХА лигата играше во група со Вардар, покажа дека е незгоден ривал.
Тренерот на Татран Прешов, Марек Гернат, се надева дека со неговите избраници победнички ќе си заминат од денешното гостување во Битола.
„„Еурофарм Пелистер е еден добар противник, составен од многу странски играчи, односно интернационална група, доста слична на нас ако го гледаме тоа на тој начин. Очекувам ова да биде балансиран и квалитетен натпревар. Секако, ќе дадеме сѐ од себе за да го добиеме овој дуел. Нашиот ривал има добра транзиција, а нивниот втор офанзивен бран, по оној од бековите, се крилата. Ќе биде многу тешко, но верувам дека ќе оствариме позитивен резултат”, изјави Гернат.
Еден од поискусните во Татран Прешов, левиот бек Оливер Рабек имаше позитивни комплименти за избраниците на Александар Јовиќ.
„Еурофарм Пелистер има многу квалитетни играчи, кои играат одлично во два правци. Ни претстои тежок натпревар, тоа е сигурно. Наша цел е сепак да се бориме за пласман на Ф4 турнирот и ќе дадеме сѐ од себе да го оствариме тоа”, изјави Рабек.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Татран Прешов ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток во 18:00 часот.