Словенечкиот голман Урбан Лесјак ја одработува првата сезона од договорот со битолски Еурофарм Пелистер.
Во интервју за магазинот на СЕХА лигата, Лесјак вели дека победите во ова натпреварување носат зголемена самодовеба.
„Добро ја започнавме сезоната и натпреварите во СЕХА лигата ни даваат многу поголемо искуство и самодоверба, а ни го зголемуваат и оптимизмот. Потоа се почувствува тој пад во играта и навистина ми е многу жал, затоа што сигурен сум дека сме квалитетна екипа која може многу повеќе. Во спортот секогаш има подеми и падови. Би рекол дека најдобар натпревар сезонава одигравме против Нексе во Задар и секако дека имаме многу убави спомени од завршниот турнир во СЕХА“, изјави голманот Лесјак.
Многу екипи им дадоа приоритет на европските и домашните натпреварувања на сметка на СЕХА и одиграа натпревари со младинските состави.
„СЕХА лигата е одлична за развој на кариерите на младите играчи. Лигата е одличен проект и јас навистина сум среќен што помладите ја имаат можноста да се пробаат против најдобрите. Кога играте со тимови што се на високо ниво, чекор по чекор и вие ги достигнувате тие височини“, заврши Лесјак.
Еурофарм Пелистер го доби првиот четвртфинален дуел од дивизијата „Југ“ против Татран Прешов со 37-29 и во понеделник на реваншот заминува со комбиниран состав.