Довчерашниот тренер на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер по заминувањето од македонскиот вицепрвак немаше никаков проблем да најде нов клупски ангажман.
Данскиот стручњак својата тренерска кариера ќе ја продолжи во Јапонија и таму ќе биде предводник на тимот на Тојота Аутободи.
Во следниот период треба да биде официјалната промоција на Валтер како нов тренер на Тојота, со која ќе има задача да ја обрани шампионската титула.
Валтер во периодот кога беше тренер на Еурофарм Пелистер успеа со битолскиот тим да го освои турнирот во Струга, како и трофејот во Супер Купот на Македонија.
Под негово водство беше постигнат и најголемиот успех на Еурофарм Пелистер во регионалната СЕХА лига.
Еурофарм Пелистер за првпат во ланската сезона избори пласман на Ф4 турнирот од регионалното натпреварување и во Задар го освои бронзениот медал.
Сепак, поради лошите резултати на европска сцена, поточно во Лига на Европа, во која тимот на Еурофарм Пелистер не успеа да ја помине групната фаза, спогодбено беше раскинат договорот меѓу македонскиот клуб и данскиот тренер.