Актуелниот селектор на Иран, Веселин Вујовиќ, иако не знаеше дали ќе го продолжи договорот со тамошната федерација, сепак, заедно со челниците на ракометната куќа од азиската земја се договорија на нова соработка.
Екс тренерот на Вардар останува селектор на репрезентацијата на Иран до јуни, 2024 година, односно до крајот на олимпискиот циклус.
Искусниот стратег покрај тоа што доби продолжување на договорот на селекторската функција, најверојатно ќе може да се пофали со враќање и во клупскиот ракомет.
Според информациите на „Балкан Хендбол“, Вујовиќ ќе ја преземе клупата на актуелниот шампион на Иран, Сепахан, така што во Иран ќе има двојна функција.
Црногорецот последниот клупски ангажман го имаше во 2021 година кога беше тренер на Борац од Бања Лука.
Вујовиќ со репрезентацијата на Иран на Светското првенство во Полска и Шведска успеа да се пласира во главната фаза. Со неговите избраници не направи забележителни резултати, иранската селекција заврши на 24. позиција во конкуренција од 32 репрезентации, но сепак, Вујовиќ си доби награда од тамошната федерација за пласманот во главната фаза.
Искусниот стратег, кој во 2007 година работеше како селектор на сениорската и младинската репрезентација на Македонија, има богато портфолио. Беше селектор и на Словенија и токму со оваа репрезентација го освои бронзениот медал на Европското првенство во Франција (2017).