Иако се очекуваше понеизвесен натпревар, Еурофарм Пелистер загуби на гостински терен кај Вардар со 31-24 во првото дерби за титулата.
Тренерот Александар Јовиќ вели дека играчите по прекинот биле во сосема поинакво издание.
„Искрено не очекувавме да одиграат нашите играчи на ваков начин. Мислам дека почнавме добро, но по прекинот, што е недозволиво да се случи на вакви дерби натпревари, ние излеговме на терен како друга екипа. Дали поради тоа што имаме многу играчи што немаат почувствувано вакво нешто или нешто друго, ние бевме сосема друга екипа по прекинот. Вардар не ловеше на тие наши грешки и заслужено победи со голема разлика“, вели Јовиќ.
Реваншот меѓу овие две екипи ќе се игра во Битола на почеток на мај и Јовиќ вели дека има уште многу да се игра.
„Вардар има голема предност, без разлика што нема широк ростер, ги има играчите-победници како што се Талески, Манасков, Георгиевски, Стоилов, Томовски, Ристовски…мислам дека имаме време да анализираме каде грешевме. Денеска екипата ни покажа второ лице од она против Нексе и мора да ги детектираме сите аномалии пред вториот дуел во Битола и да се подготвиме. Нашето првенство е квалитетно, има и други натпревари за играње против квалитетни екипи, не смееме да заборавиме на Тиквеш, Алкалоид, Охрид… и нормално има реванш во Битола. Додека не се реши се, не може да кажеме кој е шампион. Вардар е во голема предност, но има уште да се игра“, заврши Јовиќ.