Драчево подобар од Македонија ЃП во прволигашкото дерби

Екипата на Драчево го доби прволигашкото дерби против Македонија ЃП со 27:26 во рамки од првото коло во плеј-оф фазата.

Првиот дел мина со многу изедначувања и неколку пресврти. Тимот на Македонија ЃП беше првата екипа која успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол. Откако на семафорот стоеше 7:7, избраниците на Димитриоски во периодот од 15 до 20 минута постигнаа два гола и поведоа со 9:7.

Драчево попушти во еден дел и му овозможи на гостинот да зголеми на 11:8. Сепак, предноста од три гола разлика за Македонија ЃП не значеше ништо, бидејќи домаќинот во финишот од првиот дел направи целосен пресврт.

Македонија ЃП имаше 11:8 во 25 минута и за пет минути игра домаќините постигнаа четири гола, не примија ниту еден, па така на полувреме заминаа со минимални 12:11.

Домаќинот до 40 минута водеше со еден до два гола разлика и по 18:16, гостите направија камбек, израмнија на 18:18. Драчево предводен од Петковски успеа некако да се консолидира, воспостави контрола и во еден момент дојде и на 25:21.

Гостите од Ѓорче Петров полека ја топеа предноста во финишот и во 57 минута стигнаа до минус еден, 25:24. Во последните минути повеќе пофокусиран беше домашниот табор, кој не дозволи поделба на бодовите.

Димитар Петковски со осум и Филип Дабевски со седум погодоци беа најефикасни во победничката екипа. Своја поддршка имаа од Лазар Стојанов и Ѓорѓи Дука, кои постигнаа шест, односно пет погодоци.

Кај Македонија ЃП прв стрелец беше Мартин Димовски со седум гола погодоци, пет додаде Филип Ролевски.