Екипата на Алборг во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против ГОГ обезбеди победа од 30:28 и на реваншот ќе има залиха од два гола. Реванш дуелот меѓу двете екипи ќе се одигра на 30 март во Оденсе.
Данскиот двобој во осминафиналето од Лигата на шампионите стартуваше со голема борба и до 20 минута се играше гол за гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. По 8:8, домаќинот постигна два гола во низа, се одлепи на 10:8 и во последните десет минути од првиот дел целосно го надигра амбициозниот тим на ГОГ.
За само неколку минути игра, домашниот тим постигна неколку погодоци во серија и поведе со 15:10, трасирајќи го патот до посакуваната цел. Екипата на ГОГ немаше решение како да ја пробие одличната одбрамбена зона на домаќините, кои во првиот дел беа предводени од Макс Хоксер, кој одигра одлично во одбраната, како и од искусниот Кристијан Бјорнсен.
На стартот во продолжението тимот на ГОГ полека започна да ја топи негативата. Откако Алборг имаше водство од 17:13, избраниците на Крикау со серија од 3:0 намалија на минус еден, 17:16. Гостинот во желбата да дојде до камбек, правеше грешки во моментите кога требаше да реализира и му овозможи на Алборг да направи дистанца од ,,плус три” во 40 минута, 21:18.
Алборг до крајот од натпреварот водеше со два до три гола разлика, имаше и 28:24 на пет минути пред финишот, за момент ГОГ намали на 29:27 во 58 минута и се избори за поблаг пораз.
Директно место во четвртфиналето обезбедија екипите на ПСЖ, Магдебург, Барселона и Келце, додека пред пласман меѓу најдобрите осум екипи се наоѓаат Веспрем и Кил, кои на првите дуели против ПИК Сегед, односно Динамо Букуре,т остварија висока победа.