Машката репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 29-23 во дуел од третото коло од квалификациите за Европското првенство 2024 година. Иако Македонија имаше свои моменти на овој натпревар, се врати во вториот дел и по негатива од четири голови, поведе, но немаше сили да го комплетира камбекот или барем да го направи финишот повозбудлив. Сепак со оглед на сите отсуства во репрезентацијата, впечатокот не беш лош.
Џонов отвори со гол во мрежата на Португалија, а Силва израмни на 1-1. Подолго време немаше голови во продолжение на двете страни, пред една одбиена топка по одбраната на Митревски да искористат Португалците за нивна предност. Кузмановски израмни на 2-2, а иако гостите во следните две минути играа со ракометар помалку по исклучувањето на Итуриза, сепак за првпат преку Гомеш стигнаа до плус два, 4-2.
Беше и 5-3, а Атанасијевиќ изнуди пенал, кој го реализираше Кузманоски за 5-4. Но потоа следуваа три наши грешки, два промашени седмерци, но среќа што ниту Португалците не беа идеални, па беше само 6-4 за нив по дваесетина минути игра. Селекторот Лазаров менуваше во нападот, ги внесе Митев, Велковски…но грешките продолжуваа и понатаму. Кузмановски промаши уште еден пенал и Португалија отиде на највисоки плус четири, 8-4.
Лазаров повика тајм-аут по мизерната реализација во нападот од само 20%, па Џонов намали на 8-5. Митревски фати зицер, па Костески намали на 9-7 во контранапад. Конечно реализиравме пенал преку Серафимов кој најде решение за Капдевил. Искористивме две грешки на Португалија и Петров погоди за 10-9, но Ѓоргиев беше исклучен на спротивната страна и гостите стигнаа до плус два преку Кошта, 11-9.
09.03.2022 MKD vs. POR
Сепак македонскиот напад и натаму немаше премногу идеја, па во финишот на полувремето Португалија стигна до 13-10. Серафимов погоди пенал за 13-11, а гостите изнудија исто така удар од седум метри, кој беше реализиран и на пауза се замина со водство на Португалија од три гола.
Петров отвори на стартот со гол за 14-12, а потоа се доближивме и на минус еден, 15-14, но кога требаше да го комплетираме камбекот, одново имавме грешки во нападот и Португалија лесно си ја врати предност од четири гола, 18-14. Томовски влезе во игра место Митревски, одбрани два зицери, а во нападот Кузмановски почна да погодува и одново беше минус два, 18-16.
По 19-16 за гостите следуваше најдобриот период во играта на Македонија. Одбраната беше компактна, Португалците не се снаоѓаа и нашите ракометари направија комплетен пресврт. Кога беше 19-19, Кузмановски од пасивен напад упати бомба од далечина за водство на Македонија 20-19, но Ареја израмни од пенал на 20-20, кога имаше да се игра уште 15 минути од мечот. Но наместо да продолжат во ист стил, нашите момци му дозволија со иста серија од четири гола по ред да си ја врати солидната залиха, 23-20.
Беше и 25-21, па Лазаров се обиде со тајм-аут да ги смири нашите ракометари. Ѓоргиев беше прецизен во следниот напад за 25-22, но потоа Капдевил му запре зицер на Џонов и веќе беше јасно дека гостите се поблиску до бодовите. Итуриза ги врати дотогаш највисоките плус четири за Португалија, па немаше повеќе дилеми околу победникот.
Кузмановски и Серафимов дадоа по пет гола за Македонија, додека три пати стрелаше Џонов, а голманите Митревски и Томовски искомбинираа девет одбрани. Кај Португалија се истакнаа Ареја со десет и Итуриза со четири погодоци. Реванш средбата меѓу овие две селекции ќе биде в недела во Матосињос од 18:30 часот.