Поранешниот селектор на Македонија, Звонко Шундовски, денес официјално беше претставен како нов стручен тим-менаџер во македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер.
Шундовски, кој со македонската репрезентација го постигна најголемиот успех на големите натпреварувања освојуваќи го петтото место на ЕП во Србија (2012), заедно со новиот тренер на ,,фармацевтите” Александар Јовиќ ќе имаат задача да ги исполнат зацртаните цели на клубот.
Искусниот стратег ги сподели своите очекувања за следниот период, во кој тимот на Еурофарм Пелистер го очекува важни дуели на македонска сцена, но и во регионалната СЕХА лига.
,,По подолго време повторно сум дел од битолскиот ракомет и многу сум мотивиран. Мојата примарна цел е да го вратиме ракометот во Битола на старата слава и патишта. Помина многу време од последната двојна круна на клубот. Сите од стручниот штаб знаеме дека времето е кратко, но ќе направиме напори да успееме да ја вклопиме и синхронизираме екипата за да ги вратиме пехарите во нашите витрини. Еурофарм Пелистер располага со квалитетни играчи и широк ростер. Квалитет има, но некако не успеа сето тоа да се вклопи во еден систем кој ќе донесе резултати. Наша цел во овој краток период е да пробаме да ја воиграме екипата и со нов систем да атакуваме на двете титули”, изјави Шундовски.
Првиот предизвик за Јовиќ и Шундовски ќе биде дуелот од регионалната СЕХА лига и мечот со Нексе Нашице на 14 март во Битола.
Стерјев: Посакувам да ги оствариме целите – двојна круна во Македонија и Ф4 во СЕХА