Битолчани решија: Јовиќ тренер – Шундовски, тим менаџер на Еурофарм Пелистер

Откако се раздели со досегашниот стратег Ларс Валтер, македонскиот вицепрвак го објави името на новиот тренер. Станува збор за Александар Јовиќ, кој со успех работеше во последните неколку години со Еурофарм Пелистер 2.

Јовиќ тренерскиот занает го печеше во Автокоманда, работеше како асистент на Лино Червар, беше дел од Металург 2, го водеше и првиот тим, а седеше и на селекторската клупа во младинските репрезентативни категории.

По преселбата во Битола, со младиот Еурофарм Пелистер 2, четири сезони по ред обезбедува место во плеј-офот, а може да се пофали и со триумф над Вардар, како и излез во Европа.

Во битолскиот клуб се враќа и Звонко Шундовски, стратегот кој му го донесе најголемиот успех на машкиот репрезентативен ракомет со 5 место на ЕП 2012 година. Тој ќе ја има улога на тим-менаџер во Еурофарм Пелистер. Зад себе има богато интернационално искуство како тренер и селектор, во Романија, Израел…Беше и играч на Пелистер и негов тренер во минатото.

„Со огромно задоволство ја информираме ракометната јавност, дека нов тренер на РК Еурофарм Пелистер е господин Александар Јовиќ. Исто така со огромно задоволство информираме дека во РК Еурофарм Пелистер, како стручен тим менаџер е назначен господинот Ѕвонко Шундовски.

Управата на РК Еурофарм Пелистер смета дека ова е најдоброто можно решение за постигнувањето на главната цел оваа сезона.

Упатуваме голема благодарност до господинот Јовиќ и до господинот Шундовски кои во овие сензитивни и значајни моменти го прифатија големиот предизвик“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Своето деби на клупата на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, би требало да го има на 14 март, кога во Битола ќе гостува составот на Нексе Нашице во рамките на регионалната СЕХА лига.