Лазаров: Ние секогаш тргаме со мислата за победа, ама реалноста е друга

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров, денеска ја имаше првата прозивка пред двомечот од квалификациите за ЕП 2024 против селекцијата на Португалија.

Лазаров имаше пофални зборови за репрезентацијата на Португалија, која на Светското првенство оваа година заврши на 13. позиција.

„Не очекува тежок натпревар, знаеме за каква репрезентација се работи, тие веќе пред подолго време ја направија нивната промена на генерација и веќе четири до пет години играат заедно, таа генерација 96 и помлади, имаат и неколку искусни играчи, играчи кои што играат во големи клубови како Нант, Мелсунген, Порто, кој учествува во Лигата на шампионите, тука се Спортинг и Бенфика…Од видео материјалите од нивниот настап на Светското првенство и од натпреварите кои ги играа против Луксембург и Турција, се гледа дека се работи за доста уиграна репрезентација и дефанзивно и офанзивно, ќе имаме тешка работа, се надевам дека времето ќе го искористиме поквалитетно за што подобро да се подготвиме и да пробаме да го дадеме нашиот максимум во овој момент, бидејќи знаеме дека нашата репрезентација ќе биде драстично подмладена, го правиме тоа што го тежнееме, комплетна промена на генерација и треба да бидеме трпеливи, имаме квалитет, имаме талент и ни требаат квалитетни натпревари со поквалитетни противници, а тоа во овој момент ќе биде репрезентацијата на Португалија’, изјави Лазаров.

За разлика од составот со кој Македонија настапи на Светското првенство во Полска и Шведска, во квалификациските натпревари ќе има неколку промени, бидејќи нема да настапат неколку искусни ракометари, меѓу нив и Филип Талески.

„Ние секогаш тргаме со мислата за победа, реалноста е друга, треба да бидеме трпеливи и малку реални, пред себе имаме квалитетна репрезентација која со години покажува огромен квалитет на големите натпреварувања. Во бараж натпреварот за СП 2023 успеаја да ја елиминираат една Холандија, која беше наш противник, така што ако ја елиминирате една Холандија, знаеме за каква репрезентација се работи. Ќе имаме доста различна репрезентација, затоа што ќе ни недостасуваат неколку играчи. Филип Талески ќе биде отсутен на овие два натпревари, во договор со РФМ и со мене, тој ќе го прескокне овој собир од приватни причини и ќе се приклучи на следниот собир, кон крајот на април, за дуелите со Луксембург и Турција”, додаде Лазаров.

Селекторот истакна дека неизвесни за настап на квалификациските натпревари против Португалија се двајцата членови на Еурофарм Пелистер, средниот бек Марио Танкоски и кружниот напаѓач Жарко Пешевски поради повреда. Во игра нема да биде ниту Павле Атанасијевиќ, исто така поради повреда, а ќе недостасуваат Гоце Георгиевски и Дејан Манасков.

„За Гоце Георгиевски се договоривме уште пред СП, шанса ќе имаат подмладите. Неговите два последни натпревари како репрезентативец, кој што дал многу за репрезентација, ќе бидат против Луксембург и Турција и мислам дека достојно ќе може да се прости од националниот тим. Во последен момент имаме откажување од Павле Атанасијевиќ, подолго време не е во ростерот на Еурофарм Пелистер, раководството на Еурофарм Пелистер испрати официјален мејл до Ракометната федерација на Македонија (РФМ) каде извести дека Павле Атанасијевиќ нема да биде во можност да настапува за националната селекција, исто така Марио Танкоски и Жарко Пешевски се пожалија на повреди, така што со дополнителна комуникација и преглед на нашиот медицински тим ќе се консултираме и ќе донесеме одлука дали тие двајца ќе бидат во ростерот за овие два натпревари, доколку не е така, ќе морам да повикам два нови играчи. Дејан Манасков, после СП одлучив да им дадам шанса на помладите играчи, од типот на Цветан Кузманоски кој што е голем талент и Петар Атанасијевиќ, кој на СП на последните мечеви покажа дека располага со огромен потенцијал на кој што во иднина треба да се смета. За Манасков, за секого вратата е отворена. За оваа репрезентација, за национална селекција треба да сакаш да играш. За никого не е затворена вратата, одлуката не е конечна”, потенцираше Лазаров.

Во репрезентацијата по подолго време се враќа Мартин Велковски, како и Томислав Јагуриновски, кој на Светското првенство 2023 на првиот дуел против Норвешка ( во 18. минута) заработи повреда и мораше да паузира извесен период.

„Значи со овој ростер мислам дека имаме квалитет, доколку гиискористиме добро овие три до четири дена, се надевам дека ќе бидеме покомпетитивни и ќе пробаме да се избориме за позитивен резултат. Секако дека може многу да поправиме од настапот на СП, дефанзивно имаме многу за поправања, ќе работиме доста на офанзивниот дел, тука ни се приклучија нови играчи, кои можеби и недостасувааа на СП, тоа е Мартин Велковски, тој беше стандарден репрезентативец и со неговото искуство и квалитет ќе имаме додатна вредност, се враќа и Томислав Јагуриновски, кој против Норвешка на првиот дуел на СП се повреди и на позиција на десен бек заедно со Мартин Серафимов можеме да бидеме поквалитетни од тоа што бевме”, заклучи Лазаров.

Македонија и Португалија првиот натпревар ќе го одиграат во Скопје на 9 март, додека реваншот е во Матосињос на 12 март. Двете селекции практично се веќе пласирани на ЕП, а сега ќе се борат за првото место во групата.