Ракометарите на Келце во рамки од претпоследното, 13. коло во Лигата на шампионите славеа на гостувањето во Франција кај Нант со 33:30. Келце исто така триумфираше против Нант на првиот дуел, но тогаш победата беше поубедлива, 40:33.
Овој натпревар за двете екипи немаше никакво резултатско значење, бидејќи Келце веќе имаше обезбедено директен пласман во четвртфиналето, додека францускиот тим ќе игра во осминафиналето.
Избраниците на Талант Душебаев одиграа одлично прво полувреме, во кое покажа целосна доминација над домаќинот. Келце го стартуваше дуелот со водство од 5:2, кон средината на првиот дел имаше 11:6, додека пред финишот од полувреме стигна и до шест гола разлика, 14:9.
Нант се обидуваше да се врати во игра, но секоја акција за евентуално резултатско приближување завршуваше без успех. Полскиот шампион дозволи домаќинот да намали дел од негативана, но не и целосно да направи камбек, па така резултатот на полувреме беше 17:14 во корист за гостите.
Во вториот дел, односно до 45 минута, тимот на Келце беше во резултатска предност. Сепак, по водството на Келце од 23:21, домаќините со серија од 3:0 направија пресврт и поведоа со 24:23. Налетот на Нант траеше кратко, бидејќи Келце го врати водството во свои раце и во последните десет минути ја повтори играта од првиот дел.
Иако Нант водеше со 25:24, избраниците на Душебаев со одлична серија од 6:0 се одлепија на 30:25 и го водеа натпреварот до сигурен триумф.
Во последното коло Келце на свој терен ќе ја пречека Барселона, додека Нант ќе гостува кај ПИК Сегед.