Келце најде спасител

Полскиот шампион Келце следната недела треба да го претстави новиот спонзор, кој ќе има задача да ја подобри финансиската ситуација во клубот, но и да успее да ги задржи поголемиот број на играчи, кои се веќе пикирани од богатите европски клубови, пренесуваат полските медиуми.

Како што е веќе познато, екипата на Келце влезе во финансиска криза откако главниот спонзор пиварницата „Ломза“ реши да се повлече од клубот, па така сѐ уште не е познато во кој правец ќе се движи поранешниот европски шампион.

Во текот на месец јануари, од раководството на Келце соопштија дека клубот ќе ја истера сезоната со истиот играчки кадар, но пред извесен период тимот на Талант Душебаев го напушти репрезентативецот на Франција, Недим Ремили, кој се пресели во редовите на унгарскиот вицепрвак Веспрем.

Сепак, како што соопштува радио ,,Келце”, челниците на полскиот шампион најверојатно успеале да најдат спонзор. Новиот спасител на Келце би требало да биде претставен на 2 март, односно на дуелот меѓу избраниците на Талант Душебаев и Барселона во рамки од последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

За потсетување, Општината Келце веќе го одби клубот за помош, но Сервас не се откажува од борбата за нов генерален спонзор. Келце од трансферот на Ремили во Веспрем, на свое конто заработи 1.000.000 евра.