Ракометарите на Вардар ја запишаа првата победа во новата сезона од регионалната СЕХА лига, откако во второто коло на домашен терен го совлада незгодниот состав на Партизан, со резултат 31:26 (16:14).
Македонскиот репрезентативец во редовите на Вардар, Томислав Јагуриновски истакна дека прикажаната игра на неговиот тим против Татран Прешов и Партизан не е реалната слика за силата на „црвено црните“.
„Советите беа да се игра подобро и побрзо. Како што кажа и нашиот тренер, тој натпревар во Прешoв не беше реалната слика за Вардар, исто и овој натпревар денеска. Се трудиме да играме побрзо и да играме подобро во одбраната, па ќе видиме како ќе напредуваме. Очекувам да ја освојам титулата со Вардар, како и Куп трофејот”, изјави Јагуриновски.
Тренерот Недановски очекува подобра игра на неговите избраници во дуелот против Татран Прешов на домашен терен.
„Кога ќе се комплетираме, тогаш ќе ја добиеме сликата за Вардар за вториот дел од сезоната. Од засилувањата очекувам да се зацврстиме во одбраната и нападот, но пред се да ја зголемиме ротацијата, која ја немавме во првиот дел од сезоната. Сега тука со нас е Јагуриновски, тогаш имавме само еден играч на десен бек за квалитетни натпревари, го имаме и Велко Марковски и Михаел Аларов кои можат да одиграт на секоја позиција во одбраната и со нив добивме поголема ротација. Кај Дутра се забележува дека му е потребно време за адаптација во новата средина. Потребно е трпение и многу работа и мислам дека на следниот натпревар со Татран Прешов ќе има подобрувања”, изјави Недановски.
Вардар во следното, трето коло, во регионалната СЕХА лига ќе игра против екипата на Татран Прешов. Натпреварот против словачкиот шампион ќе се одигра на 10 февруари во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 18:00 часот.
Вардар се радува на прв СЕХА триумф, Партизан падна во Скопје