Тимот на Еурофарм Пелистер утре го очекува првиот настап во новата сезона од регионалната СЕХА лига.
Прв ривал на ,,фармацевтите” во групната фаза ќе биде актуелниот шампион на Србија, Војводина, која на стартот триумфираше против Нексе Нашице.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер истакна дека нема да биде лесно против тимот од Нови Сад.
,,Тешко е да се подготват овие два натпревари, бидејќи немаме брзина во нозете. Практично ова ни се први натпревари годинава. Суси не е најподготвен, Велковски исто така, па двајцата ќе останат во Битола. Ќе патуваме со здравите ракометари и ќе видиме како ќе одиграме. Репрезентативците се вратија и изгледа дека ќе бидат спремни да играат. Но, ги немавме на тренинг во Битола и првпат ќе ги видиме на патувањето за Нови Сад. Не сакаме да ризикуваме со Суси, тој е многу важен ракометар за нас и ќе остане да работи во Битола. Изготвивме специјална програма за него и ќе работи со нашиот кондиционен тренер, Се надевам дека добро ќе му дојде оваа недела. Го гледав натпреварот меѓу Војводија и Нексе Нашице и можам да кажам дека Нексе не играше како што нормално игра. Војводина играше без репрезентативците, но цела зима се заедно и може да се види дека добро се познаваат, воиграни се и играат убаво. Имаат ритам на натпреварите и во тој поглед се еден чекор пред нас. Треба да играме минута по минута и да видиме што ќе направиме”, изјави Валтер.
Натпреварот меѓу Војводина и Еурофарм Пелистер се игра утре во „Слана Бара“ со почеток во 18:00 часот.
Еурофарм Пелистер без Маџовски и Ѓорговски против Војводина, во Битола останаа Суси и Велковски