Репрезентацијата на Германија по дополнителните 2х5 минути го совлада тимот на Египет со 35:34 и во недела ќе игра за 5.место со победникот од дуелот Норвешка – Унгарија. Натпреварот го судеше нашата најдобра судиска двојка Славе Николов и Ѓорги Начевски.
Германците подобро „влегоа“ во натпреварот и по водството од 3:0 во 5.та минута веќе во 10.та минута водееа со 7:3. Десет минути подоцна Германија поведоа и со шест голови позитива – 13:7. Но, сепак Египет ја врати неизвесноста во последните 10 минути од првиот дел и откако во 26.минута беше 16:9 за Германија, Египет успеа со серија 5-1 на полувреме да дојде до негатива од три голови (17:14).
Вториот дел почна повторно со доминација на Германија и во 41.минута по серијата од 4-0 имаше водство од 27:19 (+8) највисока предност. Потоа на сцена стапија избраниците на Парондо (селектор на Египет) и со серија од 9-2 во 55.минута намалија на гол негатива – 28:29.
Германија поведе со 30:28 во 56.минута, но до крајот на дуелот не постигнаа гол. Египет со головите на Елдера и Елвакил изедначи во 57.минута. Откако цели три минути и дваесет секунди немаше гол натпреварот заврши 30:30 што значеше продолженија.
Во првото продолжение Германија водеше со 31:30 и 32:31, но Египет поведе со 33:32 и на крајот од првото продолжение беше 33:33 по голот на Колбахер во последната секунда. Во второто продолжение Германците беа подбри за еден гол и натпреварот го добија со 35:34, а стрелец на последниот гол беше Костер.
Кнор кај Германија постигна 7 голови, додека кај Египет ист број голови постигнаа Моамен и Елдера. Голманот на Германија Волф имаше 20 одбрани, додека „потфрлија“ двајцата голмани на Египет Хендави и Хомеид кои имаа по 4 одбрани.