Македонија ја оствари втората победа во рамките на „Президент купот“ совладувајќи го Мароко со убедливи 40-25.
Македонските ракометари конечно одиграа натпревар во кој фокусот беше во текот на сите шеесетина минути, по кој видливо беше задоволството и кај селекторот Лазаров.
Во текот на подготовките за овој натпревар имав прилика да ги гледам трите натпревари на Мароко и да се уверам дека се одличен тим. Затоа работевме напорно на тренинзите, и бевме концентрирани денес шеесетина минути бидејќи имаме голем респект кон Мароко. Исто сакам да им се заблагодарам и на моите ракометари кои беа одлични денес, посебно на голманот Томовски кој сосема заслужено беше избран за играч на натпреварот. Тој работеше одлично во последните неколку недели. Не очекува уште еден натпревар, за кој максимално ќе се подготвиме. Секој натпревар е важен за нас бидејќи ние сме млада репрезентација, и потребни ни се што повеќе вакви натпревари, изјави Лазаров.
Нашата репрезентација во среда со почеток од 18:00 часот го игра последниот натпревар на Мундијалот против селекцијата на Јужна Кореја.