Двајцата поранешни членови на Вардар и екс селектори на Македонија, Веселин Вујовиќ и Љубомир Обрадовиќ со своите репрезентации имаа одлично отворање на Мундијалот 2023.
Веселин Вујовиќ, кој пред извесен период ја презеде репрезентацијата на Иран, заедно со своите избраници триумфираа против Чиле, со резултат 25:24, во рамки од првото коло од групата А.
Иран со пресврт во финишот дојде до посакуваната цел и веќе со една нога е во втората фаза. Ракометарите на Иран за триумфот против Чиле ќе добијат и парична награда од по 3.000 долари.
Селекцијата од Азија во 2015 година го имаше својот деби настап на Светското првенство во Катар. На дебитанскиот настап не успеа да ја мине групната фаза, заврши на 21. позиција од вкупно 32 учесници.
Српскиот тренер Љубомир Обрадовиќ, откако со репрезентацијата на Зеленортските Острови направи сензација во шампионатот на Африка, на кој го освоија второто место, во првото коло од Светското првенство остварија историска победа.
Зеленортските Острови целосно ја надигра селекцијата на Уругвај и славеше со осум гола разлика, 33:25. За вицепрвакот на Африка остварената победа е историски успех, бидејќи Обрадовиќ и неговите избраници најверојатно ќе завршат на 3. позиција во групата Ц и ќе обезбедат пласман во следната фаза.
Оваа репрезентација на Мундијалот во Египет (2021) го имаше дебитанскиот настап, но на сред шампионат се повлече поради недостиг на играчки кадар, откако неколку играчи беа позитивни на Ковид 19.