Екипата на Струга во 14. кола од регуларниот дел во Суперлигата успеа да оствари пет победи, доживеа седум порази и на двапати одигра нерешено. Стружани во група со Вардар, Алкалоид, Бутел Скопје, Охрид, Прилеп, Вардар Неготино и Куманово ја освоија 5. позиција во групата А и не успеаја да обезбедат пласман во плеј-оф фазата.
Ракометарите на Струга во пролетниот дел од сезоната ќе играат во плеј-аут групата, во која ќе пренесат максимален број на бодови (3) и ќе имаат поголема предност во однос на останатите шест ривали.
Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски истакна дека е задоволен од сработеното во првиот дел од сезоната, иако екипата имаше големи шанси да обезбеди пласман во плеј-оф фазата.
„Можам да кажам дека игравме во потешката група, во која можевме да обезбедиме место во плеј-оф фазата. На некои натпревари, како на пример против Охрид на домашен терен или против Бутел на гостински терен можевме да освоиме три или еден бод, но загубивме на наши грешки, имавме дома кикс со Прилеп и тие се трите натпревари од кои треба да извлечеме поука. На дел од натпреварите настапивме без неколку главни играчи поради повреда и на некој начин и тоа имаше некое влијание врз конечниот резултат на тие натпревари. Сепак, во екипата имаше неколку нови ракометари, потребно беше време тимот да заигра според посакуваното и до некаде сум задоволен од сработеното во првиот дел од сезоната, иако верувавме дека може да дојдеме до плеј-оф”, изјави Ферукоски за 24Ракомет.
Ферукоски, кој во оваа сезона за првпат ја има улогата прв тренер на сениорскиот тим, смета дека Струга сѐ уште има ракометни бисери со кои треба посветено да се работи.
„Како прв тренер имаш голема одговорност, бидејќи треба да ги оствариш зацртаните цели на клубот. Задоволен сум од прикажаната игра на ракометарите, особено на помладите, кои иако немаа голема минутажа, бидејќи поголем дел од натпреварите ги игравме во егал, па искусните беа тие кои ја преземаа одговорноста во свои раце, сепак покааа дека се желни за надигрување. Тука се младите Петар Маркоски, Ненад Костоски, Дамјан Тутенкоски, Бобан Савевски, Петар Ферукоски…ги имаме и младите играчи од младинските и пионерските категориии кои сериозно сѐ наметнуваат за влез во сениорскиот тим, тоа се една плејада млади ракометари кои се иднината на струшкиот ракомет и доколку се работи посветено и максимално со нив, можат да стигнат и до репрезентација”.
Натпреварите во плеј-аут фазата, каде Струга со својот квалитет ќе отскокнува во однос на поголемиот број на екипи, ќе бидат шанса за поголема минутажа на помладите играчи, кои трпеливо ја чекаат својата шанса за покажување на сѐ што знаат и умеат.
„Без разлика на тоа што играме во плеј-аут фазата, нема да потценуваме никого, ќе одиме максимално подготвени на секој натпревар, бидејќи во регуларниот дел некои екипи, како Куманово и Вардар Неготино покажаа дека можат да им парираат на посилните клубови, кои имаат поголем играчки ростер и буџет од нивниот. Пренесуваме три бода во плеј-аутот, на некој начин ќе бидеме во мала предност на неколку екипи, но ништо нема да биде сигурно, ќе играме како да имаме нула бодови и ќе се бориме до последната секунда на секој натпревар. Помладите играчи веќе покажаа дека можат да одиграат сигурно, не се сомневам дека така ќе биде и во пролетниот дел од сезоната”.
Струга минатата сезона во конкуренција на 12 тимови заврши на 8 место во регуларниот дел, додека во плеј-аут фазата беше позиционирана зад Пролет и Прилеп. Резултатски гледно, оваа година Струга е едно скалило погоре.
„Во однос на претходната сезона имаше промена во играчкиот кадар, дојдоа неколку интернационалци, станува збор за искусни играчи, кои се покажаа во добро светло, ги имаме домашните Никола Цветаноски, Бобан Блажески, Велко Маркоски… па така тимот доби на квалитет”.
Фокусот на Струга за вториот дел од сезоната ќе биде победа на секој натпревар и опстанок на клубот во најквалитетното натпреварување во Македонија.
„Како што напоменав, ништо нема да биде сигурно, секој може со секого да се надигрува, па така нашиот фокус ќе биде победа на секој натпревар. Битката за опстанок ја стартуваме напролет со натпревар на гости кај Скопје, кој исто така покажа напредок во однос на претходната сезона и клуб кој посветено работи со младите играчи. Освен Скопје, би воделе жестоки дуели и со Голден Арт, Прилеп, Радовиш… не очекува интересна битка за опстанок. Мислам дека ќе избориме, но останува да го одиграме нашето”, заврши Ферукоски за 24Ракомет.
Струга во борбата за опстанок ќе игра во екипите на Скопје, Прилеп, Голден Арт, Јуниор КВ, Радовиш, Куманово и Вардар Неготино.