Екипата на Куманово, која во оваа сезона се врати во македонската елита по долга пауза, во пролетниот дел од сезоната ќе биде предводена од нов тренер.
Досегашниот тренер на Куманово, Љубиша Димковски заминува од тренерската позиција, така што раководството на клубот ќе се активира на трансфер пазарот за ангажирање на нов тренер, кој ќе има задача да обезбеди останок во најквалитетното македонско натпреварување.
Куманово во регуларниот дел од Суперлигата забележа само една победа, доживеа 13 порази и на дел на натпреварите одлично им парираше на посилните екипи. Екипата имаше успешен настап во првата фаза во Купот на Македонија, откако го елиминираше вториот тим на Голден Арт.
Ракометарите на Куманово во плеј-аут фазата, односно во борбата за опстанок ќе се борат против екипите на Вардар Неготино, Струга, Прилеп, Голден Арт, Јуниор КВ, Скопје и Радовиш.