Дебитантот во Супер лигата и новиот ракометен проект на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов каде тренер е селекторот на сениорите, Кирил Лазаров, продолжува да го гради мозаикот за следната натпреварувачка сезона. Иако се уште е неофицијално, тимот од Автокоманда договори трансфер на уште еден репрезентативец кој сега се наоѓа на подготовките на националниот тим во Маврово. Бекот на Пролет, Иван Џонов од следната сезона ќе биде на клупата на „сините“.
Според информациите на 24Ракомет, Иван Џонов на маса веќе има конкретна понуда од Алкалоид, и сериозно размислува да ја прифати. Тој беше на списокот на желбите на Вардар, заедно со Томислав Јагуриновски и Михаел Аларов кои веќе ставија потпис на договорите со шампионот. Но, Џонов реши наместо во „Јане Сандански“ да премине преку Вардар и да игра во Автокоманда. Во ракометните кругови се тврди дека тој веќе го потпишал договорот, а веројатно дури по завршување на сезоната ќе биде официјално потврден.
Левиот бек на Пролет има одлични игри во неговиот актуелен клуб. Стигна и повикот од репрезентацијата каде „диригентската палка“ ја има Кирил Лазаров, кој истовремено е и тренер на Алкалоид. Сега ќе можат двајцата и повеќе да соработуваат бидејќи Џонов е на списокот на ракометари кои сериозно конкурираат за место на СП 2023 година во Полска.
Ракометарот на Пролет е еден од играчите, кои имаат репрезентативец статус, и 25-годишниот ракометар настапи на квалификациските натпревари за Европското првенство 2024 година, но и на Медитеранските игри во Алжир и дадената минутажа ја искористи на најдобар начин и покажа дека може да се наметне како сериозен играч. Џонов се најде и на списокот за подготвителниот период пред настапот на Мундијалот во јануари, па очигледно е дека се поклопува со плановите и визијата на селекторот Лазаров.
Моментално, Алкалоид на левата бековска позиција на располагање ги има Давид Димевски, Едвин Омерагиќ, Теодор Тодески и Михајло Младеновиќ. Со оглед на големата конкуренција на споменатата позиција, дел од ракометарите најверојатно во следната сезона ќе бидат прекомандувани во вториот тим, односно во Мулти Есенс, кој настапува во Првата лига и има амбиции да обезбеди пласман во Суперлигата. Пред трансфер во Алкалоид се наоѓа и ракометарот на Вардар, Давид Савревски.