Откако како играч стигна до европските титули со Вардар, Владо Недановски потоа ја почна својата тренерска кариера. Беше помошник кај Стевче Алушовски, Веселин Вујовиќ и Давид Дејвис.
Сега ја одработува првата целосна сезона како прв тренер на македонскиот шампион. И покрај сите пречки кои стојат на патот на Вардар, „црвено-црните“ го завршија првиот дел од сезоната без пораз, без загубен бод.
„Како што се планираше, така и се заврши годината, на првото место на табелата. Целта ни беше да ги пренесиме тие три бода и сакавме да ја завршиме полусезоната без пораз, и тоа го остваривме. Почетоците ни беа тешки, а сезоната можеше да биде уште подобра доколку се пласиравме на Ф4 во СЕХА лигата. Се надевавме дека можеме, несреќно загубивме на пенали од Нексе, и секако посреќниот тим оди понатаму. Го загубивме Супер Купот иако мислам дека бевме многу блиску да го освоиме, бевме подобра екипа цело време, но на крај пресудна беше ротацијата. Ако го освоивме и Супер Купот, ќе имавме феноменална полусезона, но од остварените резултати сум презадоволен, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар во разговор за 24Ракомет.
Ова е прва сезона како тренер со целосна одговорност. Недановски е задоволен како таа досега помина и како се справува со сите предизвици.
„Презадоволен сум од играчите, како ме прифатија и како ме почитуваат и гледам дека имаат респект кон мене. Тоа што сум го кажал, го почитуваат во целост. Тоа ме охрабрува и ми дава дополнителен мотив, волја и желба за да се развивам како тренер и најбитаната работа ми се играчите“.
За разлика од другите сезони кога вардарци играа во лигата на шампионите, сега тимот е насочен максимално само кон домашните обврски. Сега треба да се најде начин како сите тие да се фокусираат на мечевите против Бутел, Охрид, Вардар Неготино, Куманово..
„Имам играчи кои се вистински професионалци и не потценуваат никого и дополнителен мотив ни беше оваа полусезона за да се мотивираме на тие натпревари, бидејќи сите Вардар го гледаа ослабен и се надеваа на некакво изненадување, па и ја земаа и фаворитската улога. Тоа ни беше дополнителен мотив да се мотивираме и фала им на сите екипи кои не мотивираа. Сезонава не играме во лигата на шампионите. Ако играш потешки натпревари, тие ти служат за темпирање на формата и да ја провериш формата, да видиш до каде е екипата, ако не играш, имаш доволно време да се фокусираш и да се подготвиш доволно за домашните натпревари, вели Недановски.
Сепак како прва сезона во која е тренер секогаш има предизвик што треба да се совлада, има натпревари кои се тешки за водење поради различни причини.
„Самата позиција прв тренер на Вардар, на најдобриот колектив во Македонија, тоа е доволен предизвик за секој ден да се фокусираш, да работиш и да ги оствариш целите. Најтешкиот ден и најтешкиот натпревар беше со Алкалоид на домашен терен од причина што изгубивме еден драг пријател (Андон Бошковски, н.з.). Сите ние, јас, Столе, Џомба бевме силно погодени…Тој беше најтешкиот ден за нас, никој не беше фокусиран на мечот, не ми значеше ни денот, ни натпреварот. Изгубивме еден добар и драг пријател“.
ВАРДАР И ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР ИМААТ ШАНСИ 50-50 ЗА ТИТУЛАТА
Но, вистинската сезона почнува во февруари 2023 со мечевите во плејофот. Вардар ја брани титулата, и доаѓаат и посилни натпревари.
„Имаме респект кон секој клуб и ќе продолжиме максимално да се фокусираме и да се подготвуваме за сите натпревари од плеј-оф. Знам и свесен сум дека ќе биде потешко бидејќи е плеј-оф, но на Вардар му преостанува само да се бори за титулата и да се врати на европските натпреварувања, тоа е целта, јас не викам дека ние сме фаворити. Тука е и Еурофарм Пелистер, а тие сакаат да ја врати титулата во Битола, шансите се 50:50. Како еден фаворит за титулата го гледам Еурофарм Пелистер. Ние почнавме со проблеми, тие немаат проблеми, освен сега со повредени играчи. Фокусот на Вардар е титула, дали од фаворитска улуга или од позадина, не му е тоа многу битно, така било години наназад“.
Некои од планираните засилувања не дојдоа пред почеток на сезоната, па тимот остана со она што го имаше. Но, навивачите постојано бараат засилувања, нови играчи кои ќе можат уште полесно да му помогнат на Вардар да се врати во Европа.
„На Вардар му требаат нови играчи, се надевам дека ќе добиеме засилувања, но нема да земеме играчи само да пополнат бројка. Ако има на пазарот слободни и квалитетни ќе се донесат во Вардар, доколку нема, продолжуваме тие што сме. Има неколку играчи на пиводок, но до овој момент нема ништо конкретно“, смета Недановски.
На крајот на јануари или почетокот на февруари почнува новата 12-та сезона на СЕХА лигата. Вардар ќе игра во групите и ќе се бори за четвртфиналето со екипите на Партизан и на Татран.
„Нашата цел е Ф4, групата не е лесна, бидејќи Вардар не е тој тим од пред пет години. Во Струга игравме со Татран и клубот покажа дека е квалитетна и добра екипа со искусни играчи. Мислам дека борбата за прво место ќе биде меѓу Вардар и Татран. Еден од тие два тима ќе оди на Ф4 турнирот во СЕХА лигата“.
КАРАПАЛЕВСКИ ЗАСЛУЖУВА ДА БИДЕ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Играчите на Вардар постојано се на мета на други клубови, но Недановски вели дека не се плаши што неговите играчи добиваат понуди, кои некогаш се и „непристојни“. Тие постојано добиваат, но засега играчите се во Вардар.
На социјалните мрежи постојано се коментира дека Мартин Карапалевски треба да добие шанса да игра за репрезентацијата.
„Ја почитувам одлуката на селекторот за сите играчи. Тој е селектор и тој ги избира играчите. На крај, тој носи и одоговорност. Во моментов, тој мисли дека најдобрите играчи се тие. Знам дека во јавноста има реакции, но на крајот ќе видиме, можеби ќе бидеме прво место во групата на СП. За Карапалевски ми е криво, зашто според мене, тој е најдобар среден бек. Бидејќи работам со него знам за каков професионалец се работи, мислам дека требаше да му се даде шанса, да го погледне одблиску селекторот, мислам дека заслужи. Во претходната сезона играше 60 минути на натпревари од Лига на шампионите, играше во борба за титула и стигна до титула и оваа година е на терен по 60 минути. Јас не можам да замислам натпревар или тренинг без Карапалевски. Истото ќе го кажам за Милан Лазаревски. Денес тврдам дека е меѓу најдобрите пивоти, не дека е мој во Вардар, тој е најперспективен и поседува квалитети со кои може да стане најдобар пивот во државата заедно со Аларов. Тие двајцата се најперспективни и физички најдобри“.
Од шампионската генерација на Вардар сега е останата само Стојанче Стоилов кому сезонава му завршува договорот. За Недановски капитенот има големо искуство и влијание, и би сакал постојано да го има покрај себе.
„Тој е вардарец во душа и е доволен искусен. Се чувствува добро и е од голема помош. Тешко е да се замисли Вардар без Столе, тој е вистински капитен, се грижи за играчите, екипата. Секако самиот ќе одлучи што понатаму. Доколку јас бидам тренер наредната година, би сакал да остане во екипата, вели Недановски во разговор за 24Ракомет.