Крим го изненади Брест Бретањ, Будуќност не успеа да освои бод против Ѓер

Денес се одиграа пет дуели во Лигата на шампионите во женска конкуренција, а најголемо изненадување направи екипата на Крим Меркатор, која на гостински терен славеше против Брест Бретањ со 24:22 во натпревар од 9. коло од групата А.

Словенечкиот шампион на гостувањето во Франција беше предводен од екс ракометарките на Вардар, Јованка Радичевиќ и Барбара Лазовиќ. Радичевиќ беше најефикасна со седум погодоци, додека Лазовиќ имаше пет реализации во мрежата на домашниот тим.

Крим со денешната победа останува во игра за пласман во следната фаза од најквалитетното европско натпреварување. Избраничките на Аџиќ до крајот од регуларниот дел треба да одиграат уште пет дуели, против Битингхјам, ФТЦ, Бањик Мост, Вајперс Кристијансад и ЧСМ Букурешт.

Еден од најголемите фаворити за освојување на титулата – Ѓер потешко од очекуваното славеше во Подгорица кај Будуќност со 25:23. Црногорскиот претставник во Лигата на шампионите во најголемиот дел од натпреварот заостануваше на еден до два гола негатива и не успеа да освои барем бод против унгарскиот гигант.

Во останатите дуели фаворитите ја оправдаа својата улога и остварија сигурни победи.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ, 9. КОЛО

РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

БРЕСТ БРЕТАЊ – КРИМ 22:24 (12:10)

ФТЦ – БАЊИК МОСТ 43:19 (20:11)

БИТИНГХЈАМ – ОДЕНСЕ (18.12.2022)

ЧСМ БУКУРЕШТ – КРИСТИЈАНСАД (18.12.2022)

ГРУПА Б

БУДУЌНОСТ – ЃЕР 23:25 (12:14)

СТОРХАМАР – РАПИД БУКУРЕШТ 29:36 (15:17)

ЕСБЈЕРГ – КАСТАМОНУ 39:31 (23:17)

ЛОКОМОТИВА ЗАГРЕБ – МЕЦ (18.12.2022)