Ракометарите на Скопје во последното, 14 коло, во Суперлигата на свој терен славеа против составот на Радовиш, со резултат 28:24, во натпревар од групата Б. Тимот на Скопје во борбата за опстанок во македонската елита ќе пренесе 2 бода, додека тимот на Радовиш 1 бод. Повратникот во Суперлигата, екипата на Голден Арт, која заврши на 5. позиција, во плеј-аут фазата пренесува максимален број на бодови (3).
Во првиот дел имаше само едно израмнување на резултатот, пред Скопје прв да направи предност и да се одлепи на 3:1. Гостинскиот тим на Радовиш, кој влезе во грч, имаше проблеми во организацијата на нападот и во еден момент му дозволи на домаќинот да има целосна доминација на теренот. Скопје во 10 минута зголеми на 7:3 и до крајот на полувремето беше во резултатска предност од два до три гола разлика.
Радовиш во одредени периоди фаќаше приклучок, но не успеваше целосно да ја преполови негативата, па така избраниците на Кузманоски на полувреме заминаа со активен резултат, односно со највисока предност од четири гола разлика, 16:12.
Гостинот не се предаде и трпеливо ја анулираше предноста на домаќинот на почетокот на вториот дел. Ракометарите на Радовиш во продолжението предводени од Органџиев и Постолов конечно дојдоа до израмнување на резултатот, 16:16. Домаќинот 12 минути беше без постигнат гол, а кризниот период беше прекинат со голот на Митиќ, потоа реализираа Киселовски и Трајковски и составот на Скопје набрзина зголеми на 19:16. Во еден момент домаќините имаа двајца исклучени играчи (Грујовски 41′, Трајковски 42′), но гостите не успеаја да дојдат до погодок.
Скопје во последниот период беше по конкретен, знаеше да погоди кога беше најпотребно и не дозволуваше гостите да направам уште еден камбек. Во 50 минута, предноста на Скопје беше 22:19. Во финишот се чувствуваше и заморот кај гостите, што доведе до неколку технички грешки, кои домаќинот ги казни за поубедлива победа.
Најефикасен во победничката екипа беше Велимир Грујовски со седум погодоци, пред Андреј Митиќ и Жарко Барјактаревиќ, кои имаа по пет реализации. Во поразениот табор Ангелче Органџиев беше прв стрелец со седум погодоци.