Одличната игра на Бутел предводен од Филип Николов, Стефан Крстевски и голманот Бојан Блажески му донесе заслужен триумф од 28-27 (14-14) против Алкалоид. Дебитантот во лигата кој брзо го понесе епитетот фаворит, во Бутел беше шокиран и со пораз ја завршува годината. Бековите зедно постигнаа 18 гола, а голманот Блажески имаше двоцифрен број одбрани.
Дуелот не решаваше ништо бидејќи Алкалоид секако е второпласиран и во плејофот ќе пренесе два бода, а Бутел оди во разигрувањето за титулата ќе почне со еден бод. Но, секако важен за натаможната мотивација и продолжение на лигата. За Алкалоид ова е трет пораз сезонава, по двата од Вардар.
Дебитантот во Супер лигата, и тим од каде селекторот Кирил Лазаров повика најмногу ракометари за настап на СП 2023, имаше неочекуван шок на стартот од натпреварот. Домаќините влегоа одлично подготвени, мотивирани и најважно е што речиси секоја акција во нападот им поминуваше, дали со одлично додавање или со речиси перфектна игра „еден на еден“ што завршуваше со гол. Тоа резултираше со многу ран тајмаут на тренерот на гостите кој уште во 9 минута при резултат 5-1 бараше начин како да „ги разбуди“ своите играчи.
Ги смени сите играчи на терен, ја размрда целата резервна клупа барајќи ја седморката што ќе може да му парира на Бутел.
Бутел ја имаше и одржуваше таа предност од 3-4, а потоа и 2-3 гола се до пред крајот на првото полувреме кога тимот од Автокоманда успеа првпат да израмни на 12-12. Бутелчани го имаа расположениот Филип Николов кој во овој период од средбата даде пет гола, заедно со Стефан Крстевски кој погоди четирипати.
Откако „белите“ израмнија потоа веќе беше полесно, Бутел го губеше здивот, а гостите зголемија двапати. Во последните напади го имаше Стефан Крстевски го израмни резултатот на 14-14 најавувајќи подеднакво интересен втор дел.
А тогаш Алкалоид првпат направи „плус 2“ за предност 16-14. За една минута се се смени, бидејќи Бутел израмни, па дојде до период во кој се игра „гол за гол“.
Во 42 минута Бутел повторно има предност од 20-19 со гол од пенал, а потоа Младеновски погоди празна мрежа и донесе „плус 2“ за домаќините, 21-19. Голманот на Бутел, Бјан Блажески бранеше одлично, па иако доби удар во глава од ударот на Игор Ѓорѓиев сопирајќи го нападот на гостите. Истовремно изнуди и исклучување на гостинскиот бек. Но, тоа во напад не се искористи, а ниту Алкалоид не реализираше од укажаната шанса да намали. Блажески пак покажа дека е во одлична форма, бранејќи му пенал на Петковски.
Дури во 47 минута Алкалоид конечно погодува пред Младеновиќ прекинувајќи ја серијата без гол. Но, потоа Бутел врзува два гола во серија и поведува со 23-20 во 49 минута. Од исклучувањето на Спасовски гостите профитираа со намалување на 23-21 и во последните десет минути пак се влезе со драма и неизвесност.
На 8,30 минути до крај на средбата гостите намалија на 24-23, што беше причина тренерот Кристијан Грчевски да барај тајмаут. Кога Бутел поведе со 25-24, на ред за „минута одмор“ беше Кирил Лазаров. Но, неговиот тим брзо направи техничка грешка во напад по што Мирко Мајиќ од пивотменска позиција зголемува на 26-24 на пет минути до крај на средбата.
Нервозен беше тренерот Лазаров, постојано приговараше на одлуките, па затоа и доби жолт картон од судиите. Пеналот реализиран од Серафимов во 56 минута му донесе на Алкалоид намалување на „минус 1“, а откако домашните „ја продадоа“ топката во напад добија можност за израмнување. Но, на голот беше Блажевски кој му одбрани цист зицер на Серафимов.
Чудна одлука на судиите да досудат пенал на речиси три минути до крај, за акција од пред голот на Алкалоид. Серафимов донесе израмнување, 26-26, а потоа Стефан Крстевски брзо лесно зголемува на 27-26. На неполни две минути до крај и двете екипи имаат шанса да освојат бодови. Секоја акција е важна и секој гол вреден.
На 98 секунди до крај Лазаров го бара третиот тајмаут. Израмнува Алкалоид на 27-27, па последната минута ја има Бутел. Марко Стојковиќ прави фаул за две минути, но нема пенал туку се продолжува од девет метри. Грчевски на 31 секунда до крај го бара својот трет тајмауат договарајќи ја акцијата што треба да им донесе победа.
Под пасивна игра и броени додавања Димитар Ѓеоргиевски му донесе победа на Бутел, иаако имаше уште неколку сенуди до крај. Бутел се радуваше на заслужен триумф од 28-27.
Во редовите на победникот, Филип Николов постигна 11 гола, а Стефан Крстевски 7. Кај гостите Мартин Серафимов даде 8 гола.