Во Јарослав не им е сеедно: Ѓорче Петров е амбициозна екипа, тешко е да се игра на Балканот

Полскиот тим Јарослав е ривал на македонскиот првак Ѓорче Петров во осминафиналето на Европскиот Куп.

Во втората рунда од Европскиот Куп, Јарослав прво дома загуби од холандскиот Венло со 29-27, но потоа славеше на гости со 36-30 и помина во третото коло, каде што имаше лесна задача и прослави две убедливи победи над португалскиот Алавариум со 44-21 и 36-26.

Интернационалката од Белорусија, Валентина Нестерук, моментално е најдобриот стрелец во клубот од Полска. Искусната ракометарка, која има 34 години и која игра на позиција среден бек, имаше пофални зборови за Ѓорче Петров истакнувајќи дека ќе биде тежок ривал, особено поради балканскиот стил на игра.

„Дали сме задоволни од ждрепката? Па, тешко е да се каже, меѓу најдобрите 16 екипи сме и тука нема повеќе слаби противници. Колку што знаеме, тимот на Ѓорче Петров е млад и амбициозен, се покажа дека е способен да се натпреварува на меѓународно ниво. Ќе биде тешко, особено на гостински терен поради балканскиот стил на игра. Горди сме што ја претставуваме Полска во Европа. Сите знаеме за легендарните тимови од Скопје, како Кометал Ѓорче Петров, Вардар, Металург…Против Металург не можев да играм како играч на Љублин во 2012 година, имав повреда на рамото, ги загубивме тие натпревари и навистина беше тежок противникот. Очекувам агресивен ракомет, треба да бидеме добро подготвени и да имаме добра анализа пред натпреварите”, изјави Нестерук.

Првиот натпревар меѓу Ѓорче Петров и Јарослав ќе се игра во Полска на 7/8 јануари, додека реваншот ќе биде на 14/15 во Скопје.

Каков ривал доби Ѓорче – дебитант во Европа, има само 14 ракометарки, го води полска легенда…