Полскиот шампион Келце ја забележа втората победа против унгарскиот првак ПИК Сегед, откако славеше на гостински терен со 31-28.
Избраниците на Талант Душебаев водеа и на паузата со 16-13, откако предводени од голманот Вулф и крилото Морито имаа и предност од 5 гола, 13-8. ПИК Сегед се врати во игра и израмни на 13-13, но повторно попушти во финишот на полувремето.
Унгарскиот првак почна солидно во вториот дел, Алиловиќ бранеше добро, но неговите соиграчи правеа технички грешки во продолжение, Келце лесно одржуваше три или четири гола разлика и рутински го доврши мечот.
Најдобри стрелци кај победникот беа Морито со осум и Турна со пет гола, додека голманот Вулф имаше 14 одбрани. Кај ПИК Сегед се истакнаа Бомбач со шест и Мартинс со пет гола, а голманот Алиловиќ имаше 12 одбрани.
Келце сега го презема врвот на табелата со 16 бодови, додека ПИК Сегед останува на шестото место со шест освоени бода.