Екипата на Чаир загуби од израелскиот состав Макаби Аразим Рамат Ган со 33-30 во првиот натпревар од третата рунда на Европскиот Куп.
Чаир тргна добро, но во финишот на првиот дел влегоа домаќинките во серија грешки, кои беа казнети со лесни голови од контранапад на гостинките. Во вториот дел Чаир беше подобар во нападот, но одбраната повторно дозволуваше лесни погодоци и на крајот нашиот тим мораше да се помири со пораз.
Тренерот на Чаир, Бастри Љатифи е задоволен од играта на неговите избранички истакнувајќи дека за реванш натпреварот ќе спремаат нова тактика.
,,Мислам дека ракометарките го дадоа максимумот, ние добро го анализиравме противникот, но не успеавме со нашата игра која ја спремавме, бидејќи и ривалот сигурно не има студирано како екипа и мислам дека ова е максимумот што може да го дадеме. Противникот беше поискусен, има неколку репрезентативки и што е најтрагично за нас, многу се високи и никако не можевме да им парираме. Ми се допадна како одиграа ракометарките, Чаир играше тимски, се обидовме да играме со пикер, крила, бековите ни беа најрасположени, но мислам дека таа брза игра која ја посакувавме ја имплементиравме во доволна мера, но не до толку за да можеме да ги добиеме. На реваншот ќе пробаме да менуваме нешто, сигурно ќе го анализираме овој натпревар за да видиме кој им се слабите страни, но тоа што го видовме денес, нема некоја слаба точка. Ќе пробаме да ги ангажираме повеќе крилата, тие денеска беа слаба страна, но ќе видеме како ќе успееме. Ме радува фактот што Автокоманда денес беше исполнета”, изјави Љатифи.
Реванш средбата меѓу Макаби Аразим и Чаир ќе се игра во сабота, на 10 декември од 18:00 часот.
Чаир одигра храбро, но искусниот Макаби ја однесе победата од Скопје