Чаир одигра храбро, но искусниот Макаби ја однесе победата од Скопје

Екипата на Чаир загуби во првиот натпревар од третата рунда на Европскиот Куп од израелскиот состав Макаби Аразим Рамат Ган со 33-30.

Чаир тргна добро, но во финишот на првиот дел влегоа домаќинките во серија грешки, кои беа казнети со лесни голови од контранапад на гостинките. Во вториот дел Чаир беше подобар во нападот, но одбраната повторно дозволуваше лесни погодоци и на крајот нашиот тим мораше да се помири со пораз.

Макаби поведе на стартот со 4-2, но набрзина вратија Микелидзе и Џакмиќ за 4-4. Чаирчанки играа одлично во овој период, Гулицоска и Николовска беа ефикасни во нападот, Којовиќ фати два шута на гостинките и беше 10-8.

Но тогаш следуваше голем пад во играта на домаќинот. Гулицоска згреши на два пати, потоа и Реџеп и Макаби Аразим направи комплетен пресврт, 12-8, со головите Чампа и Жилинскаите. Продолжи лошата игра во нападот со технички грешки, па израелскиот тим стигна и до плус пет, 18-13, на пауза.

Гулицоска и Николовска на стартот на второто полувреме намалија на 19-16, но наместо да продолжат во ист стил и да го притиснат ривалот, му дозволија на противникот да се одлепи на 22-16. Имаше Чаир повремени блесоци, врзуваше по неколку голови во серија, но потоа лесно го губеше тоа штоо тешко го стекнуваше.

Беше и 28-22 за Макаби Аразим, но во последните десетина минути Чаир успеа да се врати на минус два од негативата 28-26 по неколкуте одбрани на Којовиќ. На четири минути до крајот гостинките одново стигнаа до плус пет и до крајот само рутински ја задржаа предноста за победа со 33-30.

Најдобри стрелци во составот на Чаир беа Гулицоска со 14 погодоци, Николовска која даде шест без промашување, како и Џакмиќ со три погодоци. Кај Макаби Аразим се истакнаа руските интернационалки Хавронина и Лубјанаја со по шест гола. Реванш средбата меѓу Макаби Аразим и Чаир ќе се игра во сабота, на 10 декември од 18:00 часот.