Еурофарм Пелистер го доживеа вториот пораз во Лигата на Европа во третото коло, откако на домашен терен загуби од фаворитот Фуксе Берлин со 43-34.
Најефикасен во редовите на македонскиот вицепрвак беше кружниот напаѓач Жарко Пешевски кој постигна осум погодоци од 11 обиди.
Искусниот ракометар имаше пофални зборови за неговите соиграчи Марио Танкоски и Павле Атанасијевиќ.
,,Можам да кажам дека беше екстремно тешко да се игра против Фуксе Берлин, имаа одлична одбрана, но бев подготвен, сум играл против овој тим во Бундес лигата. Секоја чест за Марио Танкоски и Павле Атанасијевиќ, одиграа со срце, сите топки кои стигнаа до мене беа одработени од нив, па јас имав само завршница. За тоа тренираме секој ден и се бориме. Овој дуел дојде во незгоден момент, имаме неколку повредени играчи. Има квалитет, едноставно треба да бидеме трпеливи, мора да се консолидираме, имаме нова шанса и нови три европски натпревари”, изјави Пешевски.
Пикерот на ,,фармацевтите” смета дека разликата од девет гола не е реалната слика меѓу двете екипи.
,,Мислам дека ова не е вистинската разлика меѓу двете екипи. Примивме лесни голови во првото полувреме, малку ни падна концентрацијата и нѐ натрчаа. Тие се поквалитетни, ние изгоревме во желбата дека сакаме да се надигруваме, а и можеме, но едноставно поискусен тим во вакви натпревари е Фуксе Берлин. На нас ни останува само да работиме и да бидеме здрави”, заврши Пешевски.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето во Диселдорф во вторник кај Мотор Запорожје.
Втор пораз за Еурофарм Пелистер во ЛЕ, фаворитот Фуксе однесе бодови од Битола (ФОТО)