Поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалез, кој моментално е предводник на ПСЖ, од следната сезона би можел да биде новиот тренер во унгарскиот шампион ПИК Сегед, пишува реномираниот „Nemzeti Sport“.
Според информациите на унгарскиот медиум, двете страни се наоѓаат во фаза на преговори. Гонзалез откако го напушти Вардар во текот на 2018 година стана тренер на ПСЖ.
Со ,,црвено црните” во сезона 2016/17 ја освои титулата во Лигата на шампионите. Неговиот актуелен договор со ,,светците” истекува на крајот од сезоната, па така челниците на ПИК Сегед имаат голема шанса да го ангажираат во своите редови.
Освен Гонзалез, од ПИК Сегед за нов тренер го посакувале и Роберто Гарсија Пароно, но екс тренерот на Вардар има актуелен договор со Мелсунген до 2025 година.
ПИК Сегед на 9 ноември со соопштение преку клупската страна објави дека соработката со актуелниот тренер Хуан Карлос Пастор, како и со помошниот тренер Марко Кривокапиќ ќе заврши по тековната сезона.