Европското првенство 2022 е пред самиот крај, а завршните натпревари во Љубљана ќе ги следат голем број на сегашни и поранешни ракометарки.
Една од нив е поранешната репрезентативка на Хрватска и екс членка на Вардар, Маја Сокач (Зебиќ), која во редовите на „црвено црните” мина три сезони.
Екс вардарката, моментално, престојува во Словенија и ќе ги следи дуелите за медал, кои ќе се одиграат во текот на утрешниот ден.
„Го следев Европското првенство уште од стартот и секако завршните натпревари се најинтересни, блиску ни е Словенија, па така се одлучив да дојдам во Љубљана. Доколку еднаш влезеш во ракометот, секогаш си во него. Секако дека го следев и настапот на репрезентацијата на Македонија, мислам дека не се толку лоши, играчите се млади, можеби има некоја иднина во нив. Хрватска во еден момент навистина направи еден одличен резултат (ЕП 2020), но сега ни фалеа многу играчи – Мичијевиќ, Милосављевиќ… Едноставно, кога сме сите на број, може да го дадеме својот максимум, а на ова ЕП тоа не беше. Од настапите што ги следев, мислам дека Норвешка ќе го освои првото место, но останува да видиме. Во Македонија секогаш се чувствував одлично и во Скопје ги имав најубавите моменти во мојата кариера”, изјави Сокач.
Во финалето на Европското првенство ќе играат Норвешка и Данска, додека за бронзата ќе се борат Црна Гора и олимпискиот првак Франција.