Екипата на Мулти Есенс во рамки од 9. коло од Првата лига на гостувањето во Гостивар кај Јехона ја забележа осмата победа во дебитанската сезона, откако триумфираше со четири гола разлика, 33:29.
Победникот во СЦ ,,Ринија” беше одлучен уште во раната фаза. Избраниците на Бранислав Ангеловски во првите десет минути ја обезбедија победата кога се одлепија на 9:1 и до самиот крај имаа резултатска предност, која во ниту еден момент не беше загрозена.
Гостинот од Скопје имаше посакуван старт и наметна силно темпо, кое што домашниот тим не можеше да го следи и единствено преку Тасески се обидуваше да му парира на поискусниот состав. По нерешените 1:1, ракометарите на Мулти Есенс со одлична серија од 8:0 се одлепија на 9:1 во 10 минута и веќе тука беше јасно кој ќе ги освои бодовите.
Јехона се обиде да фати ритам, но никако не можеше да ја преполови негативата и во поголемиот дел од првите 30 минути заостануваше на седум до осум гола разлика. Мулти Есенс лесно се справи во првиот дел и на пауза замина со резултатска предност од ,,плус седум” 17:10.
Откако беше познат победникот, домаќинот во второто полувреме успеа да ја искористи опуштеноста во гостинскиот табор и се избори за поблаг пораз. При водство на гостите од 29:21, домаќините намалија на 29:25, потоа имаа и три гола негатива, 30:27, но дебитантот не дозволи да се случи целосен пресврт и со новата победа се зацврсти на првата позиција во групата А.
Најефикасен на натпреварот беше членот на Јехона, Мојсе Тасески со десет постигнати погодоци. Во составот на Мулти Есенс се истакнаа Михајло Костовски со девет и Тодор Узунчев со шест гола.
Во следното, 10. коло тимот на Мулти Есенс ќе игра против Шампион, додека Јехона на свој терен ќе го пречека незгодниот состав на Кичево.