По 17 години и кажа збогум на репрезентацијата

Една од најдобрите ракометарки на позицијата десно крило Кармен Мартин реши да стави крај на богатата репрезентативна кариера и да се посвети само на настапите на клупско ниво.

Искусната ракометарка, која пет сезони го носеше дресот на ЧСМ Букурешт, а од оваа сезона настапува за Савехоф, по 17 години и кажа збогум на репрезентацијата.

Кармен Мартин не допатува на Европското првенство, кое моментално се одржува во Македонија, Црна Гора и Словенија, а ,,црвената фурија” со пораз го стартуваше континенталиот собир, откако во првото коло беше поразена од црногорската селекција.

„Решив дека е време да престанам да го носам дресот на шпанската репрезентација. Ова е тешка одлука за која размислував долго време. Одлуката ја донесов еден месец по Светското првенство во декември”, напиша Кармен Мартин на социјалните мрежи.

Десното крило на Савехоф со репрезентацијата на Шпанија има освоено неколку медали на големите натпреварувања. На континенталниот собир во Македонија (2008) со Шпанија го освои сребрениот медал, потоа три години подоцна, односно на Светското првенство во Бразил стигна до бронзениот медал, додека на Олимписките игри во Лондон (2012) шпанската селекција беше трета, а голема заслуга за големиот успех на Шпанија на најголемата манифестација во светот имаше токму Кармен Мартин.

Во својата колекција на медали има и злато од Лигата на шампионите кога со ЧСМ Букурешт во сезона 2015/16 беа најдобри во најквалитетното европско натпреварување, како и бронза од Европското првенство (2014).