Новакот во прволигашката конкуренција Бисинов од Велес, успеа да го освои првиот бод, откако одигра реми на гостувањето кај Кичево 28-28.
Домашниот тим отвори со предност од 4-0, водеше и со пет гола разлика, но жилавиот гостин, како одминуваше времето така се враќаше во игра и успеа до паузата да стигне до нерешено, 14-14.
На стартот на второто полувреме се играше гол за гол, пред Кичево да се одлепи во финишот на плус три, 25-22. Домаќините останаа без Ристески, кој поради три исклучувања доби црвен картон во 41 минута.
Велешани не се предаваа, му парираа на домашниот тим, кој водеше со 28-26 во 57 минута. Следуваа погодоци на Ристевски и Ристовски за 28-28 на минута до крајот. Имаа и двете екипи шанса за победа, но не погодуваа па си поделија по еден бод.
Најдобри стрелци кај Бисинов беа Мартин Иванов со осум и Александар Ристовски со шест погодоци, додека кај Кичево се истакнаа Дарио Јаковлески со шест и Дарко Јаневски со пет гола.