Репрезентацијата на Македонија, која по пауза од десет години повторно игра на Европското првенство, во првиот дуел против олимпискиот првак Франција губи со седум гола разлика, 12:5.
Двете репрезентации натпреварот во СЦ ,,Борис Трајковски” го започнаа во грч, а првиот погодок го постигна левиот бек Естел Нзе Минко за водство на ,,триколорките” од 1:0. Ракометарките на Македонија никако не можеа да го пронајдат патот до мрежата на францускиот гол и најчесто ударите на бековите беа блокирани од цврстата одбрана на Франција.
Откако Македонија не реализира неколку напади за израмнување, гостинките со голот на Тунал од пенал дојдоа до 2:0 во 5 минута. По голот на Заади за предност на Франција од 3:0, селекторот Савевски мораше да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да ги сведат грешките на минимум и да заиграат поангажирано во нападите.
Франција некако успеваше да ги казни грешките на Македонија и со вториот гол на Нзе Минко по десетина минути игра имаше предност од ,,плус четири” и водство 4:0. На моменти голманката Дарле не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа, па така олимпискиот првак кон средината на првиот дел имаше и предност од 5:0. Првиот гол за Македонија го постигна Јована Кипријановска во 15 минута за 5:1, а неколку минути подоцна Маџовска намали на 6:2.
Следуваше период во кој двете репрезентации не успеаја да реализираат неколку напади и во 20 минута една од поискусните во репрезентацијата на Македонија, Моника Јанеска со својот прв гол намали на 7:3. Во финишот од првото полувреме Франција ја врати максималната предност од пет гола и поведе со 8:3 и за неколку минути игра со три брзи гола, од кои два од контра, дојде и до 11:3. Серијата од 5:0 на Франција беше прекината со голот на Ристовска од пенал за 11:4. Франција на полувреме замина со активен резултат од 12:5.