Денес ќе започне Европското првенство во женска конкуренција, на кое нашата држава заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат ко-организатори на континенталниот собир и ќе ги угостат најдобрите европски репрезентации, вкупно 16.
Во првата фаза, две групи ќе играат во Словенија. Домаќините ќе бидат Целје и Љубљана. Во овие два словенечки градови вкупно во првата фаза од ЕП ќе настапат 12 репрезентации. Покрај домаќинот Словенија, во групата Б ќе играат уште Шведска, Данска и Србија.
СЛОВЕНИЈА
Словенечката репрезентација трипати се покажа како најлоша на Европското првенство, вклучително и во 2020 година. Минатогодишното светско првенство требаше да биде пресврт пред Европското првенство за новиот селектор Драган Аџиќ, но победија само еднаш („плус 10“ со Црна Гора), ремизираа и со Русија и со Ангола, но загубија од Франција и Србија. Сега, Словенија пред својата публика ќе ја бара најголемата шанса за историски пласман, иако нема да има лесна задача. Најголеми адути на словенечката репрезентација се бековското дуо – Ана Грос и Елизабет Омореги. Двете споменати ракометарки имаат големо искуство од настапите во Лигата на шампионите и се очекува да ја водат својата репрезентација до пласман во следната фаза. За Словенија ова ќе биде седмо учество и како што споменавме, словенечката селекција трипати завршуваше на последното, 16 место и ниту еднаш не успеа да ја мине првата фаза.
СРБИЈА
Србинките за првпат по 14 години на континенталниот шампионат одат без двете екс ракометарки на Вардар, Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ. Еден од главните стрелци во репрезентацијата на Србија, Марија Агбаба ќе го пропушти ЕП, но селекторот Урош Зорман на располагање ќе ги има искусните Јована Стоиљковиќ, Кристина Лишчевиќ и Елена Лавко. Тука е и голманката Јована Рисовиќ, која може да го понесе товарот и да биде клучен фактор. Србија од 2020 година е редовен учесник на Европските првенства, а најголемиот успех на српската репрезентација е 4-то место во 2012 година.
ШВЕДСКА
Една од најискусните репрезентации кои ќе настапат на Европското првенство е репрезентацијата на Шведска. За лидерите на шведската репрезентација – Лин Блом, Натали Хагман и Јамина Робертс, ова е веќе 6-то Европско првенство. Шведска има освоено само два медали на ЕП, сребрен во 2010 и бронзен во 2014. На останатите шампионати беше меѓу најдобрите осум репрезентации, додека претходното Европско првенство го заврши на 11. позиција. Сега, ракометарките на Шведска имаат ривали по мера и ќе атакуваат на што подобар пласман од претходното ЕП.
ДАНСКА
Ракометарките на Данска, кои од 2004 година немаат освоено медал на Европските првенства, годинава ќе се обидат да го срушат проклетството и да обезбедат пласман меѓу најдобрите репрезентации. Данска на претходното ЕП беше домаќин, но не успеа да направи забележителен успех и заврши без медал, односно на 4. позиција. Селекторот на Данска, Јеспер Јенсен нема да може да смета на Миа Реј и Лине Хаустед, но ќе ги има на располагање Сандра Тофт, Ане Мете Хансен, Луис Бургард и ќе може да се надева да пласман во следната фаза од натпреварувањето.