Селекторот Кире Лазаров го објави скратениот список со 21 ракометар што ќе бидат во конкуренција за настап во квалификациските натпревар за ЕП 2024 година против Луксембург и Турција.
По подолго време на списокот на националниот тим има многу повеќе ракометари од домашното првенство, вкупно 18 и само тројца интернационалци.
Тоа се Филип Кузмановски од германскиот Хановер, Никола Митревски од португалскиот Порто и Костадин Петров од исландскиот Акурејри.
Од домашното првенство најмногу репрезентативци доаѓаат од новиот суперлигаш Алкалоид – шест, петмина има од Еурофарм Пелистер, четворица доаѓаат од шампионот Вардар, двајца од Пролет и еден ракометар од Еурофарм Пелистер 2.
Собирот е закажан за 9 октомври од 14:00 часот, а освен Петров и Митревски кои имаат натпревари во сабота попладнето, сите други ракометари би требало да бидат дел од собирот.
Натпреварот со Луксембург е на 12 октомври од 19:00 часот во Скопје, додека дуелот со Турција во Ван е на 16 октомври од 16:00 часот.