Екипата на Амичитија Цирих, во која настапува македонскиот интернационалец Мартин Поповски, во натпревар од 6. коло од шампионатот на Швајцарија оствари победа против незгодниот состав на Базел со четири гола разлика, 29:25.
Цирих во претходните две кола славеше против Берн и Сент Гален и влезе во една победничка серија, со која фаќа приклучок за првите три позиции.
Поповски и неговите соиграчи победата ја обезбедија со подобрата игра во вторите 30 минути, откако на полувреме имаа минимална предност од 13:12.
Македонецот беше еден од подобрите на теренот и натпреварот го заврши со четири постигнати погодоци. На овој натпревар настапи уште еден ракометар, кој дел од својата кариера ја мина во Македонија.
Станува збор за екс ракометарот на Металург, Александар Шпенде, кој беше најефикасен во составот на Базел, а воедно и на натпреварот со девет постигнати погодоци.
Амичитија Цирих во следното, седмо коло, ќе гостува кај Кадетен Шафхаузен. На 4 октомври клубот на Поповски ќе го одигра реванш натпреварот против Бенидорм во рамки од второто квалификациско коло од Лига на Европа.