Ракометарите на Бутел Скопје од Австрија ќе ја започнат европската авантура во новата натпреварувачка сезона, во која имаат голема шанса да направат историски успех и да се пласираат во групната фаза во Лига на Европа.
Бутел во второто квалификациско коло во Лига на Европа силите ќе ги одмери со австрискиот вицепрвак Алпла Хард, кој во првото квалификациско коло го елиминираше вториот тим на Еурофарм Пелистер.
Македонскиот тим веќе пристигна во Австрија и ќе има доволно време за адаптација пред утрешниот натпревар.
Тренерот на Бутел, Кристијан Грчевски е оптимист пред натпреварот со Алпла Хард и се надева на добро издание на неговите избраници.
„Oдиме да играме ракомет и ќе пробаме да дојдеме до поволен резултат за реваншот да биде неизвесен. Успеавме да ги анализираме на дуелите со Еурофарм Пелистер 2, но сепак сме спремни и на некои изненадувања. Најсилен нивен адут е брзиот проток на топка, имаат искусни играчи и знаат точно што играат. Ќе го дадеме максимумот за влез во групите. Тоа ќе биде добро не само за нас како клуб, туку и за македонскиот ракомет”, изјави Грчевски.
Утрешниот натпревар меѓу Алпла Хард и Бутел Скопје ќе се одигра со почеток од 18:45 часот. Реванш натпреварот ќе се одигра на 4 октомври во СЦ ,,Борис Трајковски”.