Новиот селектор на машката репрезентација на Холандија, Штафан Олсон денес го објави поширокиот список на играчи за настап во квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024. Репрезентацијата на Холандија во квалификациите се наоѓа во група со репрезентациите на Белгија, Грција и Хрватска.
На списокот кај Олсон партиципираат вкупно 35 играчи, додека најдоцна до 26 септември, селекторот на Холандија ќе треба да одбере само 20 ракометари кои ќе бидат вклучени во квалификациските натпревари, но не е исклучена можноста некои од играчите кои ќе отпаднат да бидат дополнително повикани.
Холандија е еден од противниците на Македонија на Светското првенство во 2023 година, па се очекува Олсон на Мундијалот во Шведска и Полска да настапи со скоро истиот состав кој ќе го има на располагање во квалификациските натпревари против Белгија, Хрватска и нашиот јужен сосед.
Тука се првите ѕвезди Каи Смитс од Магдебург, Лук Стеинс од ПСЖ и Дани Бајенс од Хамбург, Јансен, Слујтерс, Шаген, Тен Велде….
Избраниците на Олсон првиот квалификациски натпревар за пласман на ЕП 2024 ќе го одиграат на 13 октомври на домашен терен против Белгија, додека на вториот квалификациски натпревар силите ќе ги одмерат со Грција на Халкидики. Натпреварот против Грција е закажан за 16 октомври. Холандија реванш дуелите против Белгија и Грција, како и дуелот против Хрватска ќе го одигра следната година.