Екипата на Татран Прешов на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир ја оствари втората победа, откако во последниот натпревар од групата А триумфираше против домаќинот Струга, со резултат 36:21 (21:14). Словаците ќе го чекаат исходот од вечерашниот дуел меѓу Еурофарм Пелистер и АЕК Атина и потоа ќе знаат за која позиција ќе разигруваат на Струшкиот турнир.
Во игра е првото, второто и третото место. Се зависи од последниот меч на денот и дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и АЕК. Составот на Струга против Бутел ќе се бори за 7. позиција, односно за избегнување на последното место. Домашниот тим со голот на Мартин Димески го отвори натпреварот за водство од 1:0, а претставникот од Словачка во следните два напади имаше успешна реализација за преземање на водството од 2:1.
Татран Прешов во воведниот дел не успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол, бидејќи екипата на Струга успешно парираше десетина минути, иако на овој натпревар настапи без Никола Цветаноски и Христијан Крстаноски.
Следуваше период, во кој двете екипи се менуваа во водство. Струга успеа во неколку наврати да одржи минимална предност од плус еден, но поискусниот тим од Словачка во 10 минута за првпат на натпреварот дојде до два гола предност, 7:5, а една минута подоцна имаше и плус три, 8:5. Како што одминуваше време, ракометарите на Татран Прешов ја зголемуваа резултатската предност, која во 15 минута беше 10:5.
Струга искористи неколку грешки на противникот и со голот на Бугариновиќ намали на минус три гола разлика, 10:13. Избраниците на Радослав Антл со серија од 3:0 се одлепија на 16:10 и тука веќе беше јасно дека словачкиот шампион ќе оди на убедлива победа. По 30 минути игра резултатот беше 21:14 за составот на Татран Прешов.
Струга 2022: Татран – Струга
По неколку минути игра во вториот дел, гостите од Словачка зголемија на највисоки 25:16. Струга немаше никакво решение како да го запре налетот на расположените ракометари на Татран Прешов, кои ја искористуваа секоја грешка на домаќините. Струга се обидуваше да намали дел од резултатската предност на Татран Прешов, но поискусниот тим на Антл не дозволуваше ни најмал простор за напредок во играта на домаќинот.
Татран Прешов во последните десет минути ја зголеми предноста и на осум минути пред крајот поведе со 31:18. Подмладениот тим на Струга на овој натпревар собираше драгоцено искуство, па така резултатот беше во втор план. Во финишот гостите постигнаа неколку погодоци на празна мрежа, зголемија на највисоки плус 15 гола разлика, 33:18 и до крајот не им дозволија на домаќините да дојдат до помала негатива.