Довчерашниот тренер на ЦСКА Москва, Флорентин Пера е официјално нов селектор на женската сениорска репрезентација на Романија, која е еден од ривалите на нашата репрезентација на Европското првенство во ноември.
Ракометната федерација на Романија денес официјално ја објави соработката со Флорентин Пера, кој последниот клупски ангажман го имаше во московската екипа. Пера на селекторската функција во Романија ќе го замени Адриан Василе кој сега ќе се фокусира само на соработката со ЧСМ Букурешт.
Романскиот стручњак пред околу еден месец си замина од ЦСКА Москва и реши да ја прифати понудата од главниот човек на романскиот ракомет Константин Дин. Пера ќе има задача да направи добар пласман со неговите избранички на Европското првенство во ноември, на кое Македонија заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Романија е ривал на Македонија во групната фаза од Европското првенство. Ракометарките на Романија освен со Македонија ќе играат и против репрезентациите на Холандија и Франција, во рамки од групата Ц. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.