Повремената репрезентативка на Македонија, Драгана Петковска во следната сезона ќе има нов интернационален предизвик во својата кариера. Голманката, која во минатата сезона настапуваше за српскиот суперлигаш Јагодина, одлучи да брани во Израел.
Петковска се договори на едногодишна соработка со израелскиот тим на Макаби Ришон Ле Зион и ќе биде втората голманка од Македонија која ќе настапува во израелскиот шампионат. Претходно, екс голманката на Куманово и Металург, Бисера Паскал потпиша за Бнеи Херцлија.
Своевремено во Израел бранеше и голманката Матеја Серафимова, а во новата сезона во машкиот тим на Макаби Ришон Ле Зион ќе брани Градимир Чаневски.
26-годишната голманка својата кариера ја започна во школата на Индира Кастратовиќ, потоа настапуваше за првиот и втор тим на Вардар. По одличните настапи за „црвено-црните“ започна да гради интернационална кариера во Данска.
Беше дел од данските суперлигаши Силкеборг и Сондерјиске. По авантурата во Данска, краток период беше надвор од ракометните терени, а во изминатата сезона го бранеше голот на Јагодина.