Промена во последен момент: Кадетите за 16 часа ќе играат два меча на ЕХФ шампионатот!

Машката кадетска репрезентација од утре го започнува настапот на ЕХФ шампионатот во Летонија. Ракометарите денеска патуваат до летонската престолнина – најпрво со автобус до Белград, а потоа со еден прелет преку Франкфурт ќе стигнат во Рига вечерва околу полноќ.

Со оглед на доцното пристигнување, мораше да се побара од ЕХФ и од организаторот промена на првиот натпревар со Турција, што беше првично закажан за 13:00 часот во текот на утрешниот ден.

Сега новиот термин за овој дуел е 19:30 часот. Но тоа носи нов проблем. Според распоредот веќе во вторник од 13:00 часот е дуелот со Косово. Сеедно што се работи за Турција и Косово, и што Македонија е фаворит на овие два меча, сепак делува премногу два меча за 16 часа.

Од РФМ се потенцираше важноста на овој ЕХФ шампионат, бидејќи носи место на младинското ЕП и кадетското СП, дури беше „жртвуван“ и настапот на младинците во Варна, а со оглед дека од февруари се знаеше каде ќе играме, можеа да се најдат подобри конекции (па дури и од Скопје до Рига) за националниот тим да пристигне на време во Летонија и одморен да ги дочека првите две средби.

Патем, од Ракометната федерација на Македонија не го објавија конечниот список на патници за Рига, која ќе биде во центарот на вниманието на македонската јавност следната недела. По дуелите со Турција и Косово, во среда следува ден одмор, па в четврток Македонија ќе го игра дуелот со домаќинот Летонија од 15:00 часот.

Петок повторно е слободен ден, пред на 13 и 14 август, да бидат одиграни полуфиналните средби, финалето и натпреварите за пласман.