Македонскиот голман Александар Стојаноски во новата сезона ќе го има првиот интернационален предизвик во кариерата.
Тој потпиша договор со босанскиот тим Искра Бугојно, откако минатите две сезони беше член на Тиквеш од Кавадарци.
„Трансферот се случи на препорака на мојот некогашен и сегашен соиграч Јосип Кежиќ, со кој игравме во Охрид. Свои заслуги има и нашиот судија Ѓорѓи Начевски“, вели Стојаноски.
Босанскиот тим минатата сезона беше во долниот дел на табелата, но сезонава амбициите се поголеми.
„Условите овде се на високо ниво, во тимот има неколку поискусни играчи, а бев прифатен одлично уште од првиот ден како да сме заедно со години. Покрај нив, имаме во составот и неколку млади ракометари пред кои има убава иднина. Стручниот штаб исто така од првиот ден се погрижи за мене да се чувствувам одлично. Амбициите на клубот се пласман меѓу ТОП 5 екипите, како и Ф4 во Купот. Моите лични амбиции се да имам голем придонес во остварување на целите на клубот, па заедно да се радуваме на крајот на сезоната“, вели Стојаноски.
Тој во Македонија го бранеше голот на Младост Богданци, Борец Велес, Зомимак Струмица, Охрид, Струга и Јуниор Кисела Вода, а последните две сезони беше член на кавадаречки Тиквеш.