Женската кадетска репрезентација на Македонија со максимални три победи ја заврши групната фаза на Светското првенство, откако славеше и над Иран со убедливи 31-19. Нашите ракометарки ќе пренесат два бода во главната рунда, каде што ќе се сооочат со Исланд и Шведска.
Отворивме со водство од 3-0 по пет минути игра, но потоа следуваа три нереализирани напади, па Иранките веднаш се вратија во игра. Не само што израмнија, туку и поведоа со 4-3 за комплетен пресврт.
Чулиновска запре три удари кон нашиот гол, но нејзините колешки во нападот не погодуваа во голот на Иран, па долго време на семафорот стоеше 4-3. Среќа што ниту ривалот не беше најпрецизен, инаку ќе бевме во големи проблеми.
Постот од 13 минути без гол го прекина Бојана Коцева, кој израмни на 4-4. Потоа врзавме уште два гола во серија за 6-4, беше 9-6, а до крајот на полувремето можевме да ја зголемиме уште повеќе предноста.
Во последната минута Македонија тргна во напад за плус пет, но направивме грешка и противникот успеа да казни со гол од пенал по истекот на времето, па на пауза се замина со 11-8 за нашите ракометарки.
Победникот беше решен на стартот на второто полувреме. По пет минути игра, Македонија поведе со 15-9, а имаше шанса и за плус седум, но Велкова не погоди од пенал. Ривалот врза два гола во серија, 15-11.
Дукоска беше на два пати прецизина и ја однесе Македонија на 17-11, а кога погодивме уште еднаш, иранскиот селектор мораше да бара тајм-аут. Сепак на теренот не се промени ситуацијата.
Чурлиновска блескаше на голот, а Ризоска и Бојана Коцева го полнеа голот на Иран за 21-12. Беше и 23-13, кога Јанкуловска погоди од левата крилна позиција, па до крајот немаше никакви дилеми за победникот.
Теодора Дукоска беше најдобар стрелец со шест погодоци во нашата репрезентација, а по четири гола дадоа Младеновска, Борјана Коцева, Ризоска и Јанкуловска, додека одлична на голот беше Чурлиновска.
Македонија со оваа победа носи два бода во главната рунда, а таму ќе се соочиме Шведска на 3 август и со Исланд на 5 август. Двата меча ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20:30 часот.