Женската кадетска репрезентација на Македонија вечерва ја очекува досега најтешкиот предизвик на Светското првенство. Избраничките на Љубомир Савевски ќе се соочат со Иран, ривал кој на ждрепката беше во првиот шешир и досега забележа две победи над Сенегал и Узбекистан со гол разлика +26.
Иранките се дебитантки на Мундијалите во кадетска конкуренција. Воопшто не се ривал за потценување, иако според официјалниот ростер пријавен во ИХФ, дури 11 ракометарки не играат активно во клуб.
Три играат во Ком – голманката Хание Гарагожлу, левото крило Захра Фотовати и левиот бек Настаран Куџарифарахани, две се дел од Сепахан – средниот бек Шахрзад Носохи и десното крило Саиде Гажанфари, додека една настапува во Тасисат – левото крило Маеде Осхаги.
Особено внимание треба да се обрне на Фатиме Мерихи, која настапува како среден бек и даде досега 23 гола од 26 обиди (88% реализација), како и на двете леви крила Осхаги и Рахмани. Голманката Елназ Јармохамадтуски запре дури 35 удари на противничките ракометарки од 76 упатени удари, што е скоро 50% одбранети топки.
Натпреварот меѓу Македонија и Иран се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот, а ќе го судат Алтмар и Хорват.