Пред извесен период, репрезентативката на Холандија, Еставана Полман и Есбјерг, ставија крај на конфликтот и постигнаа заедничко решение, па така искусната ракометарка беше ослободена од клубот, иако имаше актуелен договор, кој беше со важност и за следната сезона.
Холанѓанката преку емотивна порака на социјалната мрежа Инстаграм се збогуваше со навивачите на Есбјерг и изјави дека не замислувала ваков крај.
„Дојдов овде како млада девојка и сега си заминувам како „возрасна девојка“. Ова не е начинот на кој сакав да завршам. Кога почнувам нешто сакам да го завршам до крајот. Јас не замислував ваков крај. Можам да кажам дека навивачите на клубот ќе имаат посебно место во моето срце“, изјави Полман.
За потсетување, Есбјерг ја суспендираше Полман, откако искусната ракометарка во изминатата сезона одби да влезе на терен за време на натпреварот против Подравка во Лигата на шампионите. Есбјерг иако ја суспендираше Полман, сепак, и плаќаше месечна плата бидејќи ракометарката сѐ уште имаше актуелен договор со данскиот клуб.
Договорот на Полман со Есбјерг беше со важност и за следната сезона (2022/23). Доколку двете страни не дојдоа до заеднички договор, тогаш арбитражниот суд на ракометниот сојуз на Данска ќе донесеше конечна одлука за спорот меѓу Есбјерг и Полман.